Дрекслмајер им честита на идните мехатроничари

07. June 2019 – Вработени се седум средношколци од првата генерација завршени ученици, кои посетуваа практична настава за мехатроника во фабриката Дрекслмајер во Кавадарци.

Кавадарци, 05. јуни 2019 година - Дрекслмајер ја имаше честа да им честита и посака успех на првата генерација ученици кои следеа настава според пилот програмата на дуално стручно образование. Шеснаесет ученици од СОУ „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци кои посетуваа практична настава во компанијата, добија сертификати за успешно завршена практична обука.

Седуммина од нив остануваат понатаму дел од нашата компанија и ги потпишаа своите први договори за вработување. Со тоа, овие млади и надежни кадри ќе продолжат и понатаму да ги развиваат своите професионални вештини во доменот на индустриската мехатроника.

Настанот на кој беа доделени сертификатите и потпишувањето на договорите за вработување, се одржа во компанијата Дрекслмајер. Присутните гости ги поздрави генералниот директор Лукас Мирингер, меѓу кои и г. Патрик Мартенс директор на Делегацијата на германското стопанство, како и директорот на СОУ „К.С. Брко“, Драги Ташев.

„Ми претставува огромна чест што денес ја имаме првата генерација ученици според моделот на дуално стручно образование. Драго ми е што почетокот на една успешна професионална приказна почнува токму во Дрекслмајер - компанија која го препознава потенцијалот кај младите и ги поддржува да успеат во своите прфесионални намери. Им честитам ним и на нивните најблиски и секако учењето не запира овде; Дрекслмајер и понатаму ќе вложува во стручните квалификации на нашите нововработени колеги“, истакна Лукас Мирингер.

„Среќен сум што бев дел од наставниот модел на дуално стручно образование. Овде добив големо искуство во повеќе области, научив што е одговорност и самодисциплина, но се стекнав и со професионални вештини кои ќе ги применувам понатаму во пракса. Се разбира, горд сум на мојот прв договор за вработување“ – рече Драги Костадиновски матурант во СОУ „Киро Спанџов-Брко“.

Дрекслмајер е една од водечките компании во земјава која го спроведува моделот на дуално стручно образование според германски модел и стандарди. Околу педесетина ученици од Средното стручно училиште во Кавадарци ги совладуваат вештините на индустриската мехатроника во најсовремено опремена работилница во фабриката. Како семејна компанија, DRÄXLMAIER Group придава особено значење на тоа, на сите вработени низ целиот свет да им понуди модерна работна средина со највисоки стандарди, како и бројни можности за обука.

Остануваме и понатаму доследни на нашата долгорочна стратегија во поддршката на младите луѓе и нивниот професионален развој.

Сподели

Сподели Twitter LinkedIn Facebook Google+ Xing Mail Print
DRÄXLMAIER користете колачиња за да се прилагоди овој веб-сајт на Вашите потреби Политика за колачиња