ЕКГ апарати за Здравствен дом - Неготино

27. јули 2021 Дрекслмајер продолжува со донирање медицински апарати за здравствените установи во регионот.

Два нови современи ЕКГ апарати се ставени во функција во Интерното одделение во Здравствениот дом во Неготино. Дрекслмајер ја поддржа оваа здравствена установа со ваков тип на медицинска опрема, така што медицинскиот персонал ќе може брзо и ефикасно да ги извршува лекарските прегледи, а пациентите ќе добијат соодветен третман без повеќечасовни чекања.

„На наше задоволство, а со цел задоволување на потребите на пациентите, ЕКГ апаратите веднаш беа ставени во употреба. Голема благодарност до Дрекслмајер затоа што ја поддржа нашата установа. Со помош на овие ЕКГ апарати кои претставуваат дополнување на постоечката медицинска опрема пациентите ќе добијат третман како што заслужуваат, а истовремено ние како медицинска установа ќе можеме да дејствуваме во насока на рано откривање и превенирање на коронарните и срцеви заболувања.“, вели Д-р Билјана Филипова, Директор на Здравствен дом – Неготино.

Директорот на Дрекслмајер Македонија, Лукас Мирингер го посети Здравствениот дом во Неготино и истакна дека грижата за здравјето на луѓето е приоритет. „За Дрекслмајер, луѓето се секогаш во центарот на вниманието. Токму затоа во соработка со здравствените установи и со заедницата реализираме голем број проекти на начин што даваме придонес во насока на поддршка на заштитата и унапредувањето на јавното здравје.“, вели Мирингер.

Дрекслмајер во изминатите години реализираше низа проекти за поддршка на здравствените институции во регионот. Општата болница во Кавадарци во неколку наврати беше поддржана со медицински апарати како што се гастроскоп и колоноскоп, како и со возило за медицински персонал. За потребите на болницата во Велес, Дрекслмајер донираше амбулантно возило. Компанијата, исто така, даде свој придонес во опремувањето на новата лабораторија на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Прилеп преку донација на современ апарат кој се користи за тестирање на пациенти сомнителни на Ковид 19.

Дрекслмајер и понатаму останува партнер на регионот и дава поддршка на активности и проекти од интерес на заедницата во областа на здравјето, спортот, образованието и културата.

Општи информации

за
DRÄXLMAIER Групацијата

Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 65 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 74.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.

Во 2022 година обртот на компанијата изнесуваше 5.1 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.