Германските амбасадори од регионот во посета на Дрекслмајер Кавадарци

21. октомври 2021 Дипломатите беа дочекани од менаџментот на Дрекслмајер и заедно направија обиколка низ производствените капацитети.

Амбасадорите на Сојузна Република Германија во земјите од регионот предводени од Анке Холштајн, амбасадор на Германија во земјава како дел од агендата во рамки на регионалната конференција чиј домаќин беше германската амбасада, остварија посета на Дрекслмајер како германски инвеститор во земјава. На воведната презентација им беа прикажани најважните моменти од основањето на компанијата како и идните стратешки проекти.

За време на обиколката низ фабриката, гостите беа придружувани од страна на Генералниот менаџер на Дрекслмајер Македонија, Лукас Мирингер и добија целосна слика за целокупниот синџир за производство на производи наменети за премиум сегментот во автомобилската индустрија.

„Драго ни е што имавме можност да им посакаме добредојде на германските амбасадори од земјите од регионот во Дрекслмајер Кавадарци. За време на нашата средба со нив ги разгледавме најважните аспекти за нас како што се нашите вработени и меѓународните Дрекслмајер стандарди имплементирани на двете локации во земјава, а ги претставивме и идните перспективи и планови“, вели Генералниот менаџер на Дрекслмајер Македонија, Лукас Мирингер.

Гостите беа запознаени со бројните проекти во рамки на делот за општествена одговорност кои Дрекслмајер ги иницира и ги реализира заедно со своите вработени. Дипломатите ја посетија и специјализираната училница за практична настава во рамки на моделот на дуално образование според германски стандарди.

„Добивме многу позитивен впечаток за она што го видовме во Дрекслмајер на локацијата Кавадарци. Воодушевени сме од добрата организација во фабриката. Особено го поздравуваме залагањето на Дрекслмајер во делот на спроведувањето на германскиот модел на дуално образование. Младите луѓе се нашата иднина. Поддршката која Дрекслмајер ја дава кон заедницата во којашто делува е одличен пример за општествено одговорно однесување“, рече амбасадорката Холштајн.

Општи информации

за
DRÄXLMAIER Групацијата

Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 65 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 74.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.

Во 2022 година обртот на компанијата изнесуваше 5.1 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.