Компјутерска опрема за учениците од кумановско

01. декември 2021 Дрекслмајер Куманово донираше компјутери и таблети за учениците во региoнот

Како поддршка на учениците, но и олеснување на наставниот процес, Дрекслмајер Куманово донираше компјутерска опрема и таблети за учениците од неколку училишта во Кумановскиот регион.
Особено задоволни беа учениците од основното училиште „Толи Зордимус“ од селото Режановце кои добија таблети. Компјутерска опрема добија и учениците во основното училиште „Карпош“ во Умин Дол, а учењето преку компјутер ќе им биде олеснето и на учениците од средните училишта кои престојуваат во ученичкиот дом „Професор Михајловиќ“ во Куманово.

„Драго ни е што со оваа донација ќе го поддржиме образовниот процес и ќе им го олесниме учењето на учениците кои и оваа година, поради пандемијата, се соочуваат со потешкотии. Учениците и воопшто младите луѓе се капитал на општеството и ние силно го поддржуваме нивниот развој на полето на образованието, спортот и културата. Оваа донација е показател дека сме на вистинскиот пат да ги да ги мотивираме уште повеќе да учат и да се развиваат“, рече Лукас Мирингер, Генерален менаџер на Дрекслмајер Македонија.

Компјутерската опрема ќе им биде од корист и на наставниците во насока на подобрување на квалитетот на наставата и збогатување на наставната програма.

„Со оваа донација наставниците од нашите училишта полесно и поквалитетно ќе ја спроведуваат наставата, а на учениците ќе им биде овозможен пристап до бројни наставни содржини. Среќни сме што постојат општествено одговорни компании како што е Дрекслмајер Куманово која ја дава својата поддршка за образованието како еден од клучните столбови за развој на општеството“, вели Тања Тодоровска, директор на ООУ „Карпош“ од с. Умин Дол.

Дрекслмајер како лојален партнер на регионот посветено и доследно продолжува да ја спроведува стратегијата за поддршка на образованието, спортот и културата иницирајќи проекти кои придонесуваат за општото добро на заедницата.

Општи информации

за
DRÄXLMAIER Групацијата

Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 65 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 74.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.

Во 2022 година обртот на компанијата изнесуваше 5.1 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.